Translate

Sunday 18 January 2015

Најава: Milan vs Atalanta

Во периодот кој беше можеби најтивок од почетокот на годината, момците имаа добра прилика за средување на мислите и фокус кон следната цел – победа над Atalanta и почеток на победничка серија. Без патувања, без некакви трансфер потреси барем за пошироката јавност и без посети на Berlo :) Идеален временски период за полнење на батериите и доусовршување на некои техничко-тактички финеси. Единствена голема вест што излезе од Casa Milan или Milanello беше официјализирањето на трансферот на Suso. Не одекна многу таа вест со оглед на тоа што и претходно ни беа познати условите, но најважно, повторно нема информација дали Liverpool ќе попушти и ќе го ослободи Suso уште во овој преоден рок. Етички, би било коректно, но лично не можам да го видам мотивот на англичаните зошто би се откажале и му направиле услуга на играчот и на Milan.


Atalanta  е повеќе од противник по мерка за ваквиот променлив Milan. Тоа е екипата што има само 3 победи во 18 кола и тим со третиот најлош напад во лигата. Замислете, само 14 гола во цели 18 натпревари. Дури ни German Denis сезонава не е тоа што беше, само 3 гола досега во шампионатот. Не е ниту најдобар стрелец во екипата, туку тоа е Maxi Moralez. Atalanta е класична фајтерска екипа, без воопшто убавина во играта, со еден куп деструктивци и валкани играчи. Тука се Biava, Cigarini, Migliaccio, Stendardo, Bianchi, Pinilla… Но Atalanta е клубот и на Baselli, веројатно најсериозниот кандидат за наше следно засилување од средниот ред. Денешниот противник е тим кој што ни должи. Сигурно се сеќавате на поразот лани во претпоследното коло и на оној неворајтен гол на Brienza, со кој и дефинитивно отпаднавме во трката за Европа. И сега е време да платат неколкукратно!

Кај нас, ситуацијата е многу слична како и на последните 3 натпревари, особено слична во споредба со последниот меч и победата во Купот. Единствено De Sciglio, Zapata и Essien нема да бидат достапни за Pippo денес. За очекување е Lopez да се врати на голот, Abate ќе почне на десен бек, на средина според мене најдоброто стоперско дуо што моментално го поседуваме – Mexes и Rami. Лево, Pippo ќе мала дилема при изборот меѓу Bonera и Armero. Во средината истите тројца како и во вторникот, славеникот Montolivo, King Kong De Jong и Bonaventura. Напред, Cerci и SES на крилата и Menez назад меѓу стартерите.



Да резимирам, ги имаме сите предуслови за втора врзана победа. Milan мора да почнува да освојува сигурни 3 бода против екипите од рангот на Atalanta, особено на San Siro. Се работи за една многу силна наша постава против релативна слаба противничка екипа. Верувам дека сите очекуваме мирна победа, најавена со сигурен старт и рано водство. Особено очекуваме од напаѓачкото трио. Cerci да го повтори опасниот офанзивен перформанс од Купот, слично како и El Shaarawy, а Menez да биде стандардно убоит и прецизен во нападот. Одиме на нова победа!

FORZA MILAN!!!

Tuesday 13 January 2015

Најава: TIM Cup - Last 16!


Трет натпревар во седум дена и уште една шанса за Pippo и момците да ја остварат првата победа во новата календарска година. Стадионот повторно ист како пред течно една недела, противникот многу познат, оној што ни нанесе болен пораз кога сите очекувавме рутинска победа – Sassuolo е должникот. Овојпат различно ќе биде само натпреварувањето. Coppa Italia или од пред неколку сезони TIM Cup е една од двете цели на Milan сезонава. Причината е едноставна: ова е единствениот дополнителен напор во сезона кога клубот не игра во Европа и кога одново не е во можност да се бори за Скудетото. Освен тоа, Купот може да биде спасител на сезоната бидејќи, како што знаеме, победникот на националниот куп во Италија обезбедува директно учество во Europa League, нашата крајна цел оваа година.


Имајќи го ова на ум, треба да очекуваме еден мотивиран и ангажиран пристап на сите поединци во клубот. Логично е да се надеваме дека Pippo убаво ги простудирал сите негативни аспекти на поразот од минатиот вторник и е спремен да извади квалитетна, силна и мотивирана постава. Ќе се повторувам ако кажам дека Milan е несомнено подобрата екипа и дека се што треба да се направи во пресрет на мечот е влезе ангажирано, концентрирано и внимателно. Знаеме какви проблеми може да направи Sassuolo, го знаеме нивниот потенцијал и тука не смее да има нови непријатни изненадувања. Победа вечерва ќе значи четвртфинале на 27ми месецов, против подобриот од дуелот Torino-Lazio.

Во однос на првите 11, Pippo очигледно се одлучи за неколку важни промени. Со оглед на тоа што Купот секогаш е шанса за играчите со помала минутажа, Inzaghi веројатно ќе го стави Abbiati на голот. Во одбраната, Abate е сигурен десно, De Sciglio оди повторно на лев бек, а во средината веројатно ќе отсуствува Rami, така што стоперското дуо ќе биде составено од Alex и Zapata. Во средината конечно ќе го видиме логичното враќање на Bonaventura на MRC, незаменливиот NDJ ќе биде на DMC и Poli лево од него. Евентуално, Poli и Jack би промениле страни. Напред ќе го имаме првиот старт и првата вистинска прилика за Cerci. Вистинска прилика, можеби и последна за Pazzo како најистурен, а одново можеби последна (далеку било) партија за SES на LW. Лично, немам ниту една замерка на поставата што најголем дел од италијанските медиуми ја предвидуваат за вечер.


Не верувам дека момците ќе прокоцкаат уште еден натпревар. Мислам дека на сите им е јасно кој е главниот проблем на оваа екипа. Освен тоа, имаме неколку играчи кои de facto се наоѓаат на трансфер листа, а не сакаат да го напуштат клубот. Затоа мислам дека ќе гризат, повеќе од било кога, па конечно ќе се израдуваме на победа годинава. Вечерва, 21:00ч, СпортКлуб 1, одиме на победа!

FORZA MILAN!!!

Saturday 10 January 2015

Torino, за поправање на впечатокот!

Поразот од Sassuolo во вторникот беше многу разочарувачки и болен. Некако бевме премногу оптимистички расположени пред премиерата во новата година. Дали тоа се должеше на убавите вести и најави од нашиот трансфер пазар или на оптимизмот од победата против Real или од природниот нагон да сакаш да започнеш нешто важно со успех... Веројатно комбинација од сите овие работи. Но Zaza, Berardi и дружината ни направија класично спуштање на земја. И одново, последните 2-3 дена зборуваме за истите проблеми што не мачат со години.


Што побргу го оставиме зад нас непријатниот пораз и се вратиме на успесите, тоа се поголеми шансите Milan да остане во трка за главната цел – третото место. Цела среќа по нас што годинава не постои константен тим во лигата. Тоа не се дури ни Juve и Roma, но уште поважно за нас, константни не се ни Napoli, Inter, Sampdoria, Lazio, па така, моментално заостануваме само 5 бода зад главната цел. Сепак, пресвртот што го посакуваме не звучи како лесно остварлива мисија. За противник го имаме Torino и тоа на Olimpico. Тимот што на некој начин е наш должник од минатата сезона и заради кого (заедно со Parma), оваа година не играме во европските купови.

Минатата сезона двата натпревари завршија без победник. Во Торино беше 2-2, а во Милано 1-1. Но Torino воопшто не е истиот тим од минатата сезона. Главните ѕвезди, Cerci и Immobile веќе не се дел од тимот, што и беше за очекување по одличната сезона. Управата проба да го покрие заминувањето на двајцата главни напаѓачи со искусни офанзивци и рангот на Quagliarella и Amauri, но засега безуспешно. Наспроти желбите и намерите на Urbano Cairo, Torino е екипата, заедно со Chievo, која најмногу страда офанзивно, односно има постигнато само 12 гола во 17 кола. И тоа е доста важне податок за екипа како Milan, која најмалку една третина во секој натпревар ја игра со конфузен перформанс на одбранбените играчи. Всушност, тоа беше една од двете главни причини за поразот од Sassuolo пред 4 дена: освен некористењето на крилните фудбалери како прва, втора причина беше неповрзаноста на одбраната со дефанзивниот дел на средниот ред. Сличноста меѓу Sassuolo и Torino, меѓудругото, е и нескладноста помеѓу линиите на теренот, а тоа најчесто повлекува неконвенционални напаѓачки шеми. Од Sassuolo не видовме убаво изграден напад со завршеток веќе предвиден во главата на тренерот. Слично нешто очекувам и вечерва од Torino. Нивниот најсилен дел од поставата е офанзивниот дел од средниот ред, пред се Vives и Farnerud централно и Darmian и Molinaro по крилата. Според тоа, реално е да се очекуваат многу обиди за контранапади.


Од наш аспект, позитивните промени од последниот меч се враќањата на NDJ и Abate помеѓу стартерите. Тоа би требало многу да му помогне на Pippo во дефанзивните замисли. Се уверивме дека со Montolivo на DMC, врската меѓу задниот и средниот дел, во одбранбена смисла е ужасна. Со De Jong во поставата, имаме петти играч во одбраната при контри и полуконтри. Abate од друга страна, ќе ја зголеми опасноста што ќе доаѓа за противникот од десната страна, бидејќи минатиот меч имавме апсолутно безопасна десна страна со Rami, Poli и Bonaventura. Но, последните инфомации велат дека SES нема да го почне натпреварот заради мини-повреда (паралелно со се почестите гласини дека заминува од клубот), а можно е и Armero да стартува на лев бек наместо De Sciglio. Тоа повторно го прави тимот не комплетен, со оглед на тоа што и Cerci не е спремен да стартува против своите доскорешни соиграчи.


И кога ќе дојде време за сумирање и нагаѓање на резултатот, сите логични аргументи и факти водат кон натпревар без многу убавина и без многу голови. Ние некомплетни во нападот, со повеќе од половина напаѓачи кои се во некаква фаза на преговори за напуштање на тимот, а противникот природно неефикасен. Но Milan нема избор, опцијата е една – победа. Момците не смеат да заостанат уште повеќе во однос на конкурентите, затоа што никаков успех на Galliani на пазарот до крајот на Јануари не ќе може да ја надомести разликата. Сигурен сум дека Pippo многу добро го знае ова и верувам дека ќе успее да пренесе доволно мотив на играчите. А мотивиран Milan, ретко кој може да го запре (ping Real Madrid).

FORZA MILAN!!!

Tuesday 6 January 2015

За почеток на новата година!

Момци, најпрво, среќна и успешна нека ви е новата година! Да славиме многу победи, еден куп голови, па и титула, онаму каде што сме сеуште конкурентни. Се надевам убаво и опуштено ги поминувате празнициве и имате време да следите што се случува во и околу клубот. Велам дека се надевам имате време, затоа што очигледно обврските што ги имавме периодов не натераа малку да го запоставиме блогот. Еве, овој пост нека биде некакво извинување од моја страна за пасивноста последните 30-40 дена и се надевам дека ќе направиме нов рестарт, заедно со новата година.


Првиот предизвик од вториот дел од сезоната ни доаѓа во право време - Sassuolo е екипата со која ќе ја отвориме 2015тата. Логично е за очекување дека двете екипи ќе сакаат да ја започнат сезоната со позитивен резултат. Сепак, критериумите и очекувањата во двата табора во пресрет на мечот не се исти. За нас, единствено победа е позитивен резултат и вистински начин да се продолжи со фината низа која започна со победата над Napoli, па следеше ремито во гости со Roma и заврши со убавото предновогодишно изненадување во победатата над Real Madrid. Баш таа победа, и покрај тоа што се работеше за ревијален меч, некако ја дополни позитивната празнична атмосфера во тимот и со сигурност го подигна моралот. Дотолку повеќе што тоа беше прв пораз на Real по 22 победи во низа на официјални натпревари. Кога сме кај моралот и расположението, Papa Silvio вчера даде свој придонес - го одржа препознатливото предавање пред играчите, а имал и муабет насамо со Pippo. Berlo уште еднаш ги фиксираше главните цели на клубот: 3тото место во лигата и напад на трофеот во Купот. На својствен начин го претстави новото засилување Cerci, а го пофали и SES за ефектот против Real.

Sassuolo е екипа која носи лоши спомени за Milan. Можеби и не така лоши гледано од аспект на навивач, но сигурно од аспект на клубот во целина. После поразот од Sassuolo, точно пред година дена, Allegri доби отказ и со тоа започна еден турбулентен период во кој управата на клубот тргна во потрага по вистинското тренерско решение, адекватно на новата визија - Milan да ги врати реномето и успесите од минатото преку паметно и ефикасно менаџирање, во услови кога не може финансиски да парира на најмоќните. Којзнае, можеби по неколку години ќе треба да се му се заблагодариме Domenico Berardi, тогаш 19-годишникот што ни даде 4 гола во поразот од 4-3 и го потпиша отказот за Max Allegri.

Како и да било, психолошкиот ефект на утрешниот резултат врз продолжението на нашата сезона со сигурност ќе биде огромен. Тоа ќе рече дека трите бода се граничат со имератив. За да го оствари тоа, Pippo ќе има солидна група на фудбалери на располагање. Од оние што не се на тој список: Honda ќе го пропушти скоро цел Јануари со оглед на очекувањата неговата Јапонија да биде меѓу главните кандидати за овојување на Азијскиот Куп, De Jong е суспендиран, исто како Mexes и Armero. Bonera е повреден. На позитивната страна: Alex, De Sciglio, van Ginkel и Abate се назад во тимот. Трансферот на Cerci е административно среден, така што и тој е во комбинација за утре, но не и за во стартниот тим. Според тоа, веројатната одбранбена линија би изгледала вака: Lopez на голот, De Sciglio лево, Zapata и Alex на стопери и Rami на десен бек. Доколку Pippo сепак одлучи дека Abate е спремен да стартува, Rami и Alex би биле во стоперското дуо. Во средината ситуацијата е поприлично јасна, односно Monti ќе се најде на местото каде што стандардно е NDJ, додека Poli и Muntari би се нашле десно и лево од капитенот. Напред, Menez и SES имаат загарантирано место. Ништо помалку сигурен, барем за овој меч е и Jack на RW.


Со оглед на тоа што трансфер-пазарот е веќе отворен, а италијанските екипи дефинитивно најактивни во првите денови, еве неколку мои размилувања околу потезите на G овој Јануари. Размената Cerci-Torres во глобала е оценета како паметен и позитивен потег. Би се сложил со тоа. Сепак, кај мене останува стравот - екипата да не остане без класичен шпиц на кого ќе може да се потпре кога лажната 9ка нема да биде опција. Од ова веројатно разбирате дека Pazzini, за мене, не ја пружа таа сигурност. Затоа ме израдува веста дека G е серизно заинтересиран за Destro. Иако не знам зошто Roma би го продала единствениот шпиц во екипата (Borriello веќе не го бројам во фудбалери). Веста што уште повеќе ме израдува е последната од вечерва, каде според неколку кредибилни извори, Suso ги договорил личните услови со Milan. Претпоставувам знаете, неговиот договор истекува летово, така што постојат две опции: Brendan Rogers да биде разумен и коректен и на сметка на апсолутното игнорирање есенва, да му дозволи на Suso да го напушти Liverpool уште во текот на овој трансфер период, или како втора опција, преминот да се случи во Јуни, откако Suso ќе стане слободен играч. Нас нема да ни биде сеедно, дефинитивно. Според информациите, се работи за перманентен договор со трајност од 4 години и плата од 1.2 милиони по сезона. На излезната трансфер страна, Newcastle е серизно заинтересиран за позајмица на Niang. Нашите сакаат висока откупна клаузула, а англичаните само позајмица без сума за откуп во Јуни. Уште една млад офанзивец не се вклопува во плановите на клубот - Saponara е се поблиску до Parma. Се надевам дека и Zaccardo ќе биде дел од тој трансфер. Од останатите имиња со кои сме (одново) поврзувани: Jackson Martinez, Immobile, Mario Suarez, Brozovic, Thiago Motta, Obi Mikel, Santon, итн.


Неколкуте позитивни моменти што во низа ни се случија ги подигнаа очекувањата за добра пролетна полусезона. Евентуалната победа утре ќе ни значи многу на сите нас со некаков интерес за клубот. Имаме таман противник и фин распоред потоа, што се предуслови за овој Јануари да го претвориме во перфектен. Лично, верувам во успешна полусезона, а особено во успешен старт на полусезоната. На победа момци!

FORZA MILAN!!!